Македонија
22. November 2019 - 8:50

Доделување грантови од вториот повик за развој и промоција на туризмот во Западен Балкан

Во организација на Советот за регионална соработка (РЦЦ) денеска во албанскиот град Драч ќе се одржи второто свечено доделување на грантови во рамки на проектот за развој и промоција на туризмот во земјите од Западен Балкан.

Со проектот за развој и промоција на туризмот, кој е финансиран од Европската унија, а имплементиран од страна на РЦЦ, се овозможува  консолидација и диверсификација на културната и авантуристичката туристичка понуда во шесте економии од Западен Балкан – Северна Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Со него, исто така, се поттикнува развој на заедничките регионални туристички рути и производи, подобрување на инфраструктурата и квалитетот на услугите на тие туристички рути и глобално, како и промовирање на заедничката регионална туристичка понуда.

Седум од дванаесет грантови кои ќе бидат доделени во првиот циклус ќе се користат за развој и промоција на нови регионални културни рути и производи, вклучително и римски археолошки локалитети, споменици на Втората светска војна, утврдувања и културно наследство на главните градови. Останатите пет ќе придонесат за понатамошен развој и промоција на постоечките авантуристички туристички патишта (Виа Динарика) и развој на нови производи, вклучувајќи и регионална патека за јавање.