Македонија
31. July 2020 - 16:48

Дојран очекува туристи за Илинден

Дојран активно ја живее првата сезона во услови на корона криза. Во градот секојдневно пристигаат туристи од  сите делови на државата. Вообичаено,  најголемата гужва е за време на викендите.  Голем дел од туристите се придржуваат до мерките за заштита, но и има и такви кои не носат маски. Граѓаните велат дека претежно младите се тие кои најчесто ги кршат прописите. Во полициската евиденција стои дека само во месец  Јули на подрачјето на Полициско одделение Дојран издадени се 51 прекршочен налог. Сите биле на физички лица, кои постапиле спротивно на член 6 од Уредбата на Владата за носење лична заштита на лицето.

Традиционално најголемиот бран туристи Дојран го очекува за претстојниот продолжен викенд. Од општината велат дека тие се подготвени да ги пречаат сите гости.Но, истовремено преземаат дополнителни мерки и активности за заштита  и на локалното население и на гостите кои за време на празникот ќе престојуваат во Дојран. За таа цел во изминатиот период со сите локални и држави институции веќе направиле стратегија и план за безбеден викенд.

Во насока на подигање на јавната свест за заштита на здравјето од ковид 19 за време на туристичка сезона општината во изминатите денови реализираше и низа предавања за сите граѓани, а пред се за издавачите на сместувачките капацитети.

Од општината најавуваат дека едукативните акции ќе продолжат во  текот на целата сезона со цел Дојран да остане безбедна дестинација и за гостите, но и за локалното население.