Македонија
10. October 2019 - 15:39

Донација од „Еуробајкери“ преку мото клуб „Мечки“ за кумановската болница и старечкиот дом

 Мото клубот „Мечки“ преку хуманитарната програма на „Еуробајкери“ донираше ехо апарат и светла за кумановската болница и 47 електрични кревети за Домот за стари лица „Зафир Сајто“. Ова е трета донација на моторџиите за кумановски установи и институции.

На денешната средба во кумановската болница надлежните од двете установи се заблагодарија за донацијата на претставниците од мото клубот „Мечки“.

Ехо апаратот веќе е сместен на интерното одделение за интензивна нега, а светлата ќе бидат инсталирани деновиве, најави директорката на болницата, Снежана Захариева.

-Добивме нешто што исклучително е потребно во овој момент,  ехо апарат за ехо дијагностика на абдоменални и други органи, во употреба е, веќе е пуштен во функција и истиот е во моментот на одделот за интензивна нега, на интерното одделение. Добивме и светла за операциона сала, кои што ќе бидат ставени во сала број пет која што обично се користи за локални хируршки интервенции. Уште еднаш благодарност и за соработката со директорот на Домот за стари лица, бидејќи ова беше една заедничка акција, мото клуб Мечки, болницата и домот, изјави Захариева.

Сорaботката на двете установи и клубот се одвивала во сите аспкети, а надлежните се надеваат дека ќе продолжи и понатаму.

-Ние веќе половина од тие кревети што ги добивме, се работи за 47 електрични кревети веќе ги ставивме во употреба, со сопствени средства многу е тешко или скоро невозможно да ги набавиме, рече директорот на Домот за стари лица, Дејан Стојановски.

Јовица Гиновски од Мото клубот „Мечки“ вели дека ова е проект кој не се реализира во редовната тура на донации, туку е адхок проект кој се спроведува преку „Еуробајкери“ и нивната  хуманитарната програма ББХ. Тој информираше дека станува забор за еден камион опрема која се реализира преку нивните активности на едукативен и хуманитарен план кои ги оставруваат преку одличната соработка со установите од градот.

-Донацијата пристигна во вистински раце, потенцира Гиновски.

Претходните години, во 2014 „Еуробајкери“ донираа медицинска опрема за болницата, опрема за дневениот центар за деца со посебни потреби, за домот за стари лица, потоа следуваше опрема за болницата во Демир Хисар, за две болници во Охрид, а во 2017-та училишен прибор за кумановското училиште „Бајрам Шабани“.

Наредната донација на „Еуробајкери“ ќе биде наменета за установи од Бугарија и Србија.
 
Донацијата на „Еуробајкери“ се спроведува со најмалку 15 до 24 шлепери и обично станува збор за функционална користена медициска опрема, бидејќи седиштето на „Еуробајкери“ е во Бремен, Германија кои соработуваат со 1.400 болници во таа држава.