Македонија
17. March 2018 - 9:47

Донација од Шведска за Општата болница во Кочани

Општа болница - Кочани прими донацијата во висина од 280 илјади евра обезбедена со помош на хуманитарната организација „Hand till hand“ и семејството Розенгрен од Стокхолм, Шведска.

- Добивме медицинска опрема, апарати, помагала, болнички кревети и други помошни елементи што ќе ѝ помогнат на болницата да ги подобри условите за лекување на своите пациенти и работата на медицинскиот персонал, соопшти д-р Томе Солевски, хирург во Општа болница-Кочани.

Според Александар Арсовски, координатор на оваа хуманитарна акција, Шведска преку свои организации досега испорачала неколкукратни вакви донации во Источниот регион и ваквата пракса ќе ја продолжи и понатаму.

Донацијата за Општата болница е реализирана со поддршка од градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев и од неколку приватни кочански компании што помогнаа да се плати магацинското сместување.

Илијев изрази надеж дека заеднички, со мисла и работа за подобро утре, ќе продолжи хуманата мисија за ревитализација на медицинската установа.

Пред еден месец, за целиот медицински персонал во болницата беа обезбедени униформи, донација вредна 12.000 евра.