Македонија
16. May 2017 - 14:11

Досега поднесени 220 барања за субвенции за велосипед во Скопје

Во текот на вчерашниот ден и денеска на шалтерите на Град Скопје се поднесени 220 барања за субвенција за купување велосипед, соопшти Град Скопје. 

Град Скопје, со цел да ги стимулира граѓаните за користење велосипеди, ќе им обезбеди поврат на дел од потрошените средства, за набавка на велосипед од 13 мај оваа година, со објавувањето на јавен повик во дневните весници и на градската веб-страница, се до исцрпување на буџетот наменет за таа намена, но не подоцна од 31 декември оваа година.

Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“.

Средствата што ќе ги надоместува Град Скопје се во износ од 50 отсто од цената на велосипедот, но не повеќе од 4.000 денари, нето износ, по лице.

За времетраењето на повикот најмалку двапати ќе има повторно известување на јавноста преку електронските медиуми, наведуваат од Град Скопје.

Право на учество на овој јавен повик имаат жителите на Град Скопје (општините во градот: Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел, Сарај), кои ќе купат велосипед од денот на објавување на Јавниот повик се до исцрпување на буџетот наменет за таа намена, но не подоцна од 31 декември овцаа година. 

За надоместување на дел од трошоците и докажување дека условите за учество се исполнети, барателот до Град Скопје треба да достави барање за надоместок кое може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Град Скопје www.skopje.gov.mk, доказ за жителство во град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот, копија од трансакциска сметка на барателот, доказ дека е извршено купување нов велосипед и тоа со копија од фискална сметка или фактура и извод од деловна банка со дата од денот на објавување на повикот.

Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на надоместок за еден велосипед.

Барањето за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците за купување велосипед, заедно со потребната документација, треба да се достави до Град Скопје на адреса бул.Илинден бр.82, во архивата на Град Скопје, секој работен ден од 09:30 до 15:00 часот. 

Барањата ги проверува и решава за нивно усвојување Комисија за спроведување на јавниот повик што ја формира градоначалникот Коце Трајановски.  

Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати пријави, се до исполнување на предвидениот буџет за оваа намена, кој изнесува 10 милиони денари, но не подоцна од 31 декември оваа година.

Град Скопје, во зависност од динамиката на пристигнување на пријавите, периодично ќе ја известува јавноста за преостанатите средства.