Македонија
25. February 2020 - 14:08

ДПА обвинува дека Mинистерството за култура фаворизира проекти и вработувања

Од Демократската партија на Албанците (ДПА) денеска на прес – конференција обвинија дека Министерството за култура е нов бастион на вработување со договор за партиските војници на партијата на министерот.

Според ДПА, нема вработени во соодветни сектори врз база на пропорционална систематизација на вертикалено и хоризонтално рамниште.

– Во оваа институција настанал вистински хаос од оние кои склучиле договор на дело, а кои сега се соочени со неизвесноста за нивната иднина по изборите кои ќе се одржат на 12. април, истакна Садије Илјази, претседателка на партиската комисија за култура.

Од партијата сметаат дека објавувањето на резултатите од годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес за 2020 година остава простор за сомнежи дека при распределувањето на средствата имало манипулации преку фаворизирање на проекти.

– Тие предлагачи имаат поврзаност со партијата или со соработниците на кабинетот на министерот. Ова лесно се воочува споредувајќи ги енормните финансиски средства наменети за здруженија или активности на овие предлагачи со средствата наменети за проектите на останатите предлагачи во истите полиња на дејност. Паѓа во очи фаворизирањето на уметниците кои се познати само во територијата на државата или ни толку, во однос на уметниците познати и во меѓународната арена, истакна Илјази.

Таа потенцира дека националната програма за култура, како интегрален документ, треба да ги почитува и да ги применува уставните начела за слобода во творештвото и за еднаквоста на можностите во рамки на културата, за сите граѓани на Република Македонија, односно за сите етнички заедници и истовремено да овозможи децентрализација на системот и реално реорганизирање на институционалниот систем и на администрацијата.