Македонија
4. May 2021 - 16:42

Државниот врв и партиските лидери не најдоа време да се поклонат пред гробот на Гоце Делчев

Чествување на најголемиот македонски револуционер, но без највисоки државни претставници. Одбележувањето на 118-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев помина без присуството на премиерот, претседателот и лидерите на најголемите политички партии.

На гробот на Делчев во црквата Св.Спас изутрината беа испратени делегации од претседателскиот кабинет и од Собранието. Истовремено, венци со цвеќиња положи и владина делегација.

Освен кусите информативни соопштенија, само владата имаше што да порача по повод чествувањето. 

“Сеќавањето на годишнината од смртта на Гоце Делчев, како знаменосец на македонската револуционерна борба, е и чествување на вредностите што тој ги застапуваше во борбата за слобода и за македонската државност”, пишува во соопштенето од владината прес-служба.

Политичките лидери решија да ги споделат своите видувања на Фејсбук. За Заев, Делчев е инспиратор и апостол на македонската револуционерна организација, додека, пак Мицкоски, Делчев е огледало на владиниот недостаток на морал, патриотизам и љубов кон Македонија.

Во црквата Св.Спас, ВМРО ДПМНЕ ја претставуваше генералниот секретар на паријата. Вели - нема никаква причина друга држава да го слави револуционерот.

Единствена институција која го испочитува Делчев на највисоко ниво беше МПЦ – ОА, претставена од архиепископот Стефан.

Годишнината од загинувањето на Делчев ја одбележува и Бугарија.

И во услови кога припадноста на Делчев е предмет на спор со Бугарија, руската амбасада во земјава излезе со јасна порака.

„Пред 118 години загинал македонскиот народен херој, Гоце Делчев. Идеалите на борбата за слобода, на кои овој извонреден револуционер им го посветил својот живот, се релевантни во секое време“, се наведува во пораката што ја објави руската амбасада на Твитер.