Македонија
28. November 2020 - 16:53

Државниот врв тврди дека црвените линии на јазикот и идентитетот нема да бидат погазени

Црвените линии се исцртани. Договор со Бугарија да, но не на сметка на обележјата на македонскиот национален идентитет.

Преговарачкиот став на владата го обелодени министерката Шекеринска. Во Владата се уште вирее оптимизам за компромис, вели Шекеринска, бидејќи се покажа дека тој секогаш не туркал кон прогрес.

“Меѓутоа нашиот оптимизам и нашата добра воља не е доволна. За да се реши спор потребно е воља, оптимизам, активност и желба од двете страни. И затоа јас не би сакала да прогнозирам, но она што можам да го тврдам е дека ќе направиме се за да се најде решение, но никако на сметка за прашањата кои кажавме дека се нашата црвена линија. Прашањата за македонскиот јазик и македонскиот идентитет”

Идентична порака за македонскиот идентитет дојде и од вицепремиерот Димитров. Во интервју за сараевската телевизија “Ен-1”, низ регионот ја пренесе пораката дека македонскиот јазик не е предмет на преговори. Слично како и Шекеринска, подвлече дека евентуалното решение не може и не смее да влијае врз нашето право на самоопределување.

Се соочуваме со сериозен предизвик, вели Димитров, истакнувајќи дека нему лично му е тешко да ги разбере бугарските позиции.  

„Прашањето на јазикот и на идентитетот е во срцето на внатрешните прашања, суверенитетот на една држава, бидејќи е израз на правото на самоопределување. Во таа смисла, ниту еден сосед, ниту една држава нема правна основа во меѓународното право, па и во европското право, нам, на Македонците да ни кажува нешто околу македонскиот јазик. Тоа е наша работа”

Доцна синоќа неколку македонски портали пренесоа дека Договор со Бугарија е постигнат и дека земјата се согласила за почеток на пристапните преговори на Македонија со Унијата. Информацијата е демантирана од Владата и оценета како манипулативна вест.            

“Владата на Република Северна Македонија објавениот текст го отфрла како полн со невистини и дезинформации. Владата категорично демантира дека се прифатени сите барања на другата страна во македонско-бугарските односи, а целосна манипулација е информацијата дека "следува потпишување анекс на договорот". За манипулативната намера на овој текст говори и фактот што некои од позициите изнесени во него се дел од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан во 2017 година”, се вели во демантот од Владата.

Претставниците на државниот врв во изминативе денови изјавуваат дека во моментов се отворени билатерални канали со Софија преку кои се бара решение за отворените прашања.

Македонија смета дека решението е содржано во Договорот за добрососедство потпишан во 2017-та година, додека Бугарија бара анекс или негово дополнување.