ДУИ негира дека нивните министри ја поддржале владината стратегија за укинување на балансерот
Владината стратегија во која се констатира дека балансерот е надминат Владата ја донела без согласност на ДУИ, тврдат денеска од партијата на Ахмети. Интегративците појаснуваат дека нивните министри не гласале за оваа стратегија и дека таа никогаш не поминала собраниска процедура.
Медиумите објавија дека уште лани во јули Владата во која голем број министри беа од ДУИ, донела стратегија за реформа на јавната администрација, во која стои дека се надминува потребата од примена на алатката балансер која во пракса предизвикувала бројни злоупотреби. ДУИ во средата вечерта се собраа пред Уставниот суд од каде порачаа дека одлуката на судот била шокантна и ја оценија како тежок удар врз мултиетничката стабилност. Дадоа и рок од 40 часа во кој некој требаше да им даде гаранција како ќе се зачувала правичната застапеност при вработувањата во јавниот сектор. Одговор добија од министерот за администрација кој рече дека не треба да се брза со нов закон за правична застапеност, како и пораки дека одлуките на уставниот суд треба да се почитуваат.
Од коалицијата Вреди вчера информираа дека веќе имаат подготвено нов закон за правична застапеност, но дека за него се консултираат со меѓународниот фактор и внатре во коалицијата.
Интегративците се заканија и со протести а ја повикаа и меѓународната заедница да реагира. Ставот на ЕК по однос на ова прашање е познат уште во ланскиот извештај каде оценуваат дека алатката веќе не ги исполнува целите.Дополнително стратегијата беше позитивно оценета и пораката од ЕУ беше јасна дека од капацитетот и професионалноста на јавната администрација ќе зависи и искористувањето на средствата од Унијата.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар