Свет
26. October 2016 - 12:35

Дутерте сака странските сили да си заминат од Филипините

Филипинскиот претседател Родриго Дутерте денеска изјави дека сака „странските сили“ да ја напуштат неговата земја во рок од две години. 

Дутерте ја даде оваа изјава за време на посетата на Јапонија, земја која е близок сојузник на САД и во која се стационирани 50.000 американски војници.

- Сакаме да бидеме пријатели со Кина. Не ми треба оружје, ракети во мојата земја, не ми требаат аеродроми за да стојат бомбардери, истакна Дутрете обраќајки се на група бизнисмени во Токио. 

Во пет воени бази на Филипините се стационирани американски сили, согласно договорот што САД го постигнаа за време на мандатот на претходникот на Дутерет, со цел да се воспостави противтежа на кинеската воена супериорност во регионот. 

Дутерте за време на престојот во Токио ќе се сретне со јапонскиот премиер Шинѕо Абе.