Македонија
3. April 2020 - 16:42

Двајца починати и 46 заразени со корона, заразени 11 здравствени работници од кумановската болница

Нови 46 лица заболени од корона вирус во земјава се дијагностицирани во изминатите 24 часа, што е најголем раст на дневната бројка од почетокот на ширењето на заразата досега. Вкупниот број на заболени се искачи на 430.

Од здравството информираат дека на Инфективна клиника починале две лица, 68-годишен маж од тетовско заболен од вирусот и 70-годишен кумановец за кои се уште се очекуваат резултатите од земените брисеви. И двајцата имале повеќе хронички болести.

Најголем раст во изминатото деноноќие има во Куманово каде се регистрирани нови 23 лица, од кои 11 се медицински работници.

Директорката на кумановската болница потврди дека позитивни на корона вирус се двајца доктори, тројца рендген техничари, три медицински сестри од одделението за хирургија, две од инфективна и една медицинска сестра од неонатологија. Со оваа состојба е запознаено и Министерството за здравство од каде директорката Захариева вели дека е побарана помош за реорганизација на работењето на установата.

Заболен од корона вирус е и еден вработен во скопската брза помош. Оттаму потврдуваат дека се работи за лице вработено како возач кој пред повеќе недели превезувал лице заразено со вирусот. На своја иницијатива вработениот направил тестирање кое било позитивно. Вработениот до денеска бил активно ангажиран во Брза помош бидејќи немал никакви симптоми на болеста.

Порака до здравствените работници утрово преку социјалните мрежи испрати и министерот Филипче. Не заборавајте да се грижите засебе напиша Филипче на фејсбук.