Свет
3. September 2019 - 8:40

Двајца поранешни виетнамски министри се соочуваат со смртна казна поради обвиненијата за корупција

Двајца поранешни министри за информации на Виетнам се обвинети за корупција што во земјата се казнува со смртна казна, објавија денеска локалните државни медиуми.

Нгујен Бак Сон, кој беше министер за информации од 2011 до 2016 година, е обвинет за „кршење на прописите за управување и употреба на капитал за јавни инвестиции“ и „земање мито“. Труонг Мин Туан, кој прво беше заменик на Сон, а потоа го замени на министерската функцијата додека не беше разрешен минатиот јули, е обвинет за истите злосторства.

Сон призна дека земал мито од три милиони долари за олеснување на сега откажана зделка во која мобилниот оператор Мобифон добил удел од 95 проценти во компанијата АВГ која се занимава со припејд телевизија, објави весникот „Туои Тре“ повикувајќи се на полициски извори.

Сон, во тоа време министер за информации, ја одобрил аквизицијата без одобрение од кабинетот на премиерот.

Туан, кој како негов заменик ја потпишал одлуката, призна дека земај мито од 200.000 долари од поранешниот претседател на АВГ, Нахт Ву. Подоцна беше утврдено дека Договорот предизвикал дупка од 307 милиони долари во буџетот на Виетнам.