Македонија
21. August 2017 - 16:27

Двајца загинати на патот Штип - Радовиш

Уште една сообраќајна несреќа на Истокот со кобни последици. Утринава околу 6 часот и 40 минути, на магистралниот пат Штип-Радовиш, пред влезот на село Лакавица, автомобил марка „Фолксваген Шаран“ од засега неразјаснети причини излетал од коловозот. Возилото го управувал 41 годишен возач, кој превезувал уште тројца патници.

- На самото место на незгодата, животот го загубиле двајцата сопатници во возилото, на возраст од 55 и 50 години и двајцата од село Радибуш, Кривопаланечко-изјави Гордана Панајотова, портпарол на СВР-Штип

Телата на починатите се предадени на обдукција. Возачот на автомобилот се здобил со телесни повреди, а третиот сопатник со тешки повреди е пренесен во штипската клиничка болница. Поради сериозноста на повредите, лекарите го упатиле на понатамошно лекување на скопска клиничка. Мештаните велат дека на оваа делница се вози пребрзо во однос на тоа што го дозволуваат условите на патот и сообраќајната сигнализација.

- Овде на знакот пишува да се вози 50 км/ч, а се вози 150-изјави жител на с. Лакавица.

- Почести контроли, но контролите да бидат најповеќе на кривините како предупредување за возачите, додаде жител на с. Лакавица.

Кривината на излезот од селото е позната „црна точка“ на патот Штип-Радовиш каде се имаат случено многу сообраќајни несреќи.