Македонија
22. November 2021 - 19:43

Две деца тешко повредени во железничка несреќа

Две деца на возраст од две и 5 години се тешко повредени откако работна машина која доаѓала од Богомила кон Битола удри во автомобил на железничкиот премин во близина на ОУ „Коле Канински“ во Битола. 

Инаку автомобилот во кој биле мајката и двете деца бил влечен од локомотивата десетина метри, а турнат е и столбот на едната рампа од преминот. 

Од битолската болница информираат дека двегодишното дете е примено во многу тешка состојба со тешки телесни повреди, а заради сериозноста на повредите веднаш е транспортирано во Скопје, а попладнево беше хоспитализирано на Клиниката за детска хирургија во Скопје. Петгодишното дете е исто така со тешки телесни повреди, хоспитализирано е во битолската болница на Одделението за неврохирургија и засега е во стабилна состојба. Од болницата информираат дека мајката била амбулантски прегледана и не е хоспитализирана. 

Од битолската полиција велат дека несреќата кај нив е пријавена во 8 часот, мајката возела, а двете деца биле назад, додека пак обвинителството работи на утврдување на причините на несреќата. Според неофицијални информации, за време на несреќата рампата од железничкиот премин била спуштена.