Бизнис
6. October 2019 - 16:44

ДЗР се сомнева во оправданоста на финансиските извештаи на МИОА, МИОА тврди тоа се наследени пракси

Државниот завод за ревизија со сомнежи за вистинитоста на финансиските извештаи на Министерството за информатичко општество и администрација. Во извештајот на ревизорите за минатата година има низа забелешки за работењето на оваа институција.

“За финансиските извештаи на Министерството за 2018 година изразивме мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.”, се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Меѓу клучните забелешки е тоа што во евиденцијата се впишани 16 деловни објекти со вредност од по 1 денар, бидејќи Министерството не располага со комплетна документација за утврдување на вредноста на недвижнините.
Од Министертвото велат дека недвижнините уште при доделувањето не биле катастарски евидентирани.
“МИОА преку Државното правобранителство во текот на 2017 година започна постапка со првично запишување на сопственичкото право за на крај да се пристапи кон евидентирање на корисничкото право на име на МИОА”, објаснуваат оттаму.

Ревизорите забележуваат и дека освен возилата, сиот друг имот со кој што располага Министерството не е осигуран. Предупредуваат дека тоа може да предизвика дополнителни расходи за буџетот или неможност за надомест на штета.
Од кабинетот на министерот Манчевски објаснуваат дека токму непоседувањето соодветен имотен лист е причина зошто недвижнините не се осигурани, а како што велат,
“Поради сложената софтверска и хардверска опрема на МИОА вршени се детални анализи и процени за најсоодветен пакет за осигурување на имотот и ваква набавка, согласно годишниот план, е планирана за четвртиот квартал годинава”.

Државниот завод за ревизија нотира и дека не се вршеле редовни внатрешни контроли, бидејќи од планот за формирање независно одделение за внатрешна контрола составено од три члена, вработен бил само раководител, кој не поседува сертификат за овластен внатрешен ревизор, што не е во согласност со законот.
Од кабинетот на Манчевски велат дека веќе презеле активности за соодветно екипирање, а раководителот бил без сертификат бидејќи Министерството за финансии веќе четврта година нема спроведено ваков тип обуки.

Ревизорите имаат забелешка и за ненавременото евидентирање на трошоците, но и за несоодветна евиденција на прометот преку кредитните картички. Тоа, според МИОА, било пракса воспоставена од минатото и за надминување на овие состојби потребно било време.