Свет
16. October 2021 - 8:52

Единаесет индонезиски ученици се удавија во извидничка несреќа

Единаесет средношколци се удавија додека се обидувале да преминат река за време на извидничка акција во индонезиската провинција Западна Јава.

Учениците пешачеле покрај река во областа Сијамис, како дел од воннаставни активности, кога се случила несреќата, соопшти шефот на локалната полиција Хердиат Сунарија.

Учениците на возраст од 12 до 15 години биле повлечени од силна струја додека ја преминувале реката, рече тој.

– Екипите за пребарување ги пронајдоа сите жртви низводно, информира началникот и додаде дека неколку наставници биле тешко повредени при обид да ги спасат учениците.

Во извидничката акција учествувале 150 ученици од средното исламско училиште Харапан Бару, јавија локалните медиуми.