Македонија
23. May 2018 - 13:45

Единствена Македонија: Владата почна да издава извод на родени без зборот Република Македонија

Марионетската власт во Скопје преку Управата за водење на матични книги започна да издава извод на родени во кои, во графата „државјанство“ е избришан зборот Република Македонија. Со ова Владата ја брише државјанската поврзаност на Македонците со својата матична држава, изјави денеска потпрестедателот на Единствена Македонија, Стефан Влахов Мицов.

Пред медиумите Влахов Мицов приложи извод од родени каде во графата каде треба да стои државјанството, избришан е зборот Република Македонија, а местото е потполнето со црта. Според него, со бришењето на зборот Република Македонија во графата државјанство, власта ја прави безимена државата и со оглед на тоа се укинува и самата македонска држава и државјанство. Тој истакна дека целта на владата со овој потег е очајнички обид да се вознемири народот.

-Кога немаш именувана држава, немаш и именувано државјанство, со што, нелегално и превремено се укинува и самата држава. Ова е невиден скандал. Македонците во својата матична држава стануваат апатриди, односно, лица без дефинирано државјанство, вели Влахов Мицов по што додаде дека за ова мора да има одговорност.
Потпретседателот на ЕМ вели дека по доаѓање на новата легална власт во која ќе биде и Единствена Македонија, ќе се расчистат целосно, според него, националните предавства согласно законите што ќе произлезат од новиот македонски Устав, а меѓудрогото се предвидува и мерка за државјанството.

-Единствена Македонија ќе го врати решението од поранешниот закон за државјанство во кој беше пропишана и можноста за одземање на државјанството на лица кои работат против националните и државните интереси, вели Влахов Мицов.

Тој исто така истакна дека Република Македонија до месец јули ниту ќе го промени името, ниту пак ќе стане членка на НАТО што е стратешка цел на неговата партија.