Македонија
12. July 2017 - 16:48

Една третина од граѓаните живеат на седативи

Близу една третина од граѓаните во Македонија пијат седативи. Најновото истражувањето на ИЈЗ покажува дека 32,5 проценти од луѓето во земјава минатата година користеле лекови за смирување. Повеќе вакви апчиња пијат жените. Во испитувањето биле опфатени лица од сите етнички заедници и различни професии на возраст од 15 до 64 години.

- Во однос на последниот месец најчесто земале седативи 1-3 пати месечно. Користењето кај повозрасните е повеќе застапено со над 50 проценти. Голем дел од лицата над 10 отсто кај популацијата од 15-64 години и 19 проценти од помладата популација од 15-34 години рекле дека земаат седативи кои не биле пропишани од лекар. Друг интересен податок е дека најчеста причина за земањето седативи е да се опуштат и релаксираат, изјави д-р Силвана Ончева, специјалист по социјална медицина во ИЈЗ.

Експертите по социјална медицина се категорични дека користењето на седативите задолжително треба да биде под контрола на лекар.

- Ако се користат на своја рака и неконтролирано можат да предизвикаат зависност и да немаат ефект, односно да треба да се зголемува дозата, додаде д-р Ончева.

Резултатите од истражувањето на ИЈЗ покажуваат и загрижувачки податоци за користењето седативи од страна на младите. Над 11 отсто од тинејџерите рекле дека пиеле лекови за смирување, а голем дел ги мешале и со алкохол.