Балкан
2. February 2017 - 12:28

ЕК: Романија ќе ги загуби средствата од ЕУ поради измените во законот за борба против корупцијата

Европската комисија ја предупреди денеска Романија дека одобрените средства од фондовите на Европската унија може да бидат прекинати поради измените што ги усвои Владата во законот за борба против коруцијата, изјави заменик-претседателот на ЕК, Франс Тимерманс на вонредната дебата на Европскиот парламент во Брисел. 

- Напредокот што Романија го постигна во изминатите децении ја покажа силната волја на Романците да се претворат во демократска нација. Пред една недела известивме за напредокот на земјата изминатите десет години по механизмот за соработка и проверка, тој е забележителен.

- Романија е на последната делница од долгиот маратон за афирмација на неприкосновеноста на владеењето на правото, посочи Тимерманс.  

- Она што го гледаме изминатите денови е загрижувачко. Новото законодавство отстапи од напредокот постигнат изминатите десет години. Ја повикувам актуелната Влада да ги преразгледа законските измени, рече Тимерманс.

- Романија, како и сите во Европа, заслужува власт која се бори со корупцијата, за да ја искорени. Ја повикувам Владата да не отстапува од патот и да успееме да завршиме со тој механизам. Новото законодавство може да се одрази врз обезбедувањето на европското финансирање, предупреди тој. 

Во натамошната дебата мнозинството пратеници изразија загриженост поради случувањата во Романија изминатите денови.

Европската народна партија изрази загриженост поради активностите на Владата во Букурешт и изрази сомневање дека таа воопшто ги слуша забелешките и ги зема предвид протестите. 

- Членството во ЕУ не се изразува само со добивање европски средства, туку предвидува усвојување и имплементирање на европските вредности. Задолжително е корупцијата да биде ставена под истрага. Иако е суверена, романската Влада не може да прави што сака. Доколку Владата не ја следи волјата на народот, таа не е демократска, посочи оваа парламентарна група.

Социјалистите и демократите коментираа дека главните принципи се ставени под знак прашање и кога се нарушени ЕП треба да заземе став. Групата смета дека во Романија треба да бидат испратени набљудувачи. 

Европските реформатори и конзерватици коментираа дека законските измени во Романија го штитат претседателот на романската Социјал-демократска партија. 

- Нема време за набљудувачка мисија, треба да се оди таму уште утре.  Следната жртва може да биде националната антикорупциска служба, посочија од оваа парламентарна група.

Либералите од АЛДЕ коментираа дека ЕК интервенира за да биде поништено законско решение, кое е согласно романскиот Устав. - Не може да се обидуваме да ја смените романската Влада на тој начин, изјавија либералите.

Групата на Европската обединета левица повика за ден на жалост по усвојување на законските измени. - Граѓаните и медиумите можат да го запрат тој процес, коментираа од ова парламентарна група.

Според Зелените, Романците сериозно ја применуваат демократијата и доказ за тоа се протестите изминатите денови.

Групата „Европа на слободата и директната демократија“ ги поддржа граѓаните на Романија и изјави дека корумпираните не смее да имаат пристап до власта.

Групата „Европа на народите и слободите“ ја критикуваше ЕК, бидејќи не интервенирала во претходните скандалозни случувања во Романија, особено по последните избори.