Бизнис
20. March 2020 - 17:11

Економските експерти очекуваат задолжување од 600 - 900 милиони евра на меѓународниот пазар за спас на економијата

Државата да се задолжи со 600 до 900 милиони евра од меѓународните фондови за да се преброди економската криза како последица на коронавирусот, сметаат економските експерти кои ги консултираше Сител.

Велат и дека државата треба да го стопира новото зголемување на минималната плата за бизнисот да може да ги исплати платите. Според нив, подобро е работниците да добијат нешто, отколку ништо.

Од Стопанската комора на Македонија велат дека на реалниот сектор му е потребна финансиска инјекција. Според претставниците на комората, никој нема да остане имун на економските последици. Велат дека во овие вонредни времиња може да биде потребно да се носат нестандардни мерки. Висината на финансиската инјекција би зависела од пакетот кој Владата ќе го одбере за начин на помош на стопанството.

-Земањето на финансики средстава од некаде треба да оди по линија на достапност и цена. Тие што се најлесно достапни по најлесна цена. Меѓународниот монетарен фонд има средства за ваква намена, Светската банка има средства, европските фондови исто така. Се она што по таа патека треба да се обезбеди – треба да се обезбеди. Еврообврзницата под комерцијални услови е нешто што треба да биде последната солуција, вели Зоран Јовановски од Стопанската комора на Македонија.

Први на удар ќе бидат фабриките од автомобилската индустрија. Германија од понеделник го запира производството, а македонските компании кои работат за германските ќе треба да го следат трендот.

Сепак, од Владата велат дека работниците во секторите кои се најпогодени не се отпуштаат од работа, туку користат горишни одмори. 

-Сите компании бизнис секторот генерално да чекаат и на нередните мерки што ние како влада за многу кратко ќе излеземе во пресрет се со цел не се испуштат работници од нивните работни места, рече министерот за економија, Крешник Бектеши.

Од понеделник во функција се става бесплатна телефонска линија на бројот 191. На овој број граѓаните ќе може да пријават непочитување на мерките од Владата, односно да пријават угостителски објекти кои работат, или пак, зголемување на цените на основните производи.