Кошарка
17. September 2015 - 13:43

ЕП 2015: Франција и Шпанија ќе се борат за финале

Франција и Шпанија, е првата полуфинална двојка на Европското првенство во кошарка. Големите ривали од далечната 1960 година до денес имаат одиграно 27 натпревари, Шпанија води во меѓусебните дуели 20-7.
 
„Дојдовме тука за да им вратиме за ланскиот пораз“, го најави Пау Гасол полуфиналето, алудирајќи на четвртфиналниот пораз на Шпанија од Франција на домашен терен на Светското првенство.
 
Оваа изјава доволно го отсликува ривалството кое владее меѓу соседите. Јасно е дека двата тима ќе ‘изгинат’ на теренот за да го изборат финалето и директен пласман на Олимписките игри во Рио де Жанеиро.
 
Франција и Шпанија во полуфиналето играа и во 1999 година кога ‘триколорите’ беа домаќини, а Македонија дебитираше на континеталните шампионати. Шпанците славеа на тој меч, подоцна ‘фуријата’ загуби во финалето од Италија, а Французите од тогашна СР Југославија загубија во борбата за бронзениот медал.
 
Пресметките меѓу Франција и Шпанија станаа ‘повеќе од натпревар’ во 2009 година, на ЕП во Полска. Тогаш Франција и Грција во последното коло од фазата по групи решаваа кој ќе оди на Шпанија во четвртфиналето, Де Коло во последната секунда погоди за победа на Французите на која никој не се израдува.
 
Моќната Шпанија подоцна во четвртфиналето ја декласираше Франција со 86:66. Шлаканицата кој ја добија во Полска остана врежана во меморијата на Паркер, Дио, Желабал, Батум, Де Коло...
 
На ЕП во 2011, во Литванија, Шпанија ја одбрани титулата, и тоа со победата над Франција во финалниот меч. Французите го заборавија поразот бидејќи финалето значеше и пласман на ОИ во Лондон.
 
А во Лондон Шпанија одново беше моќна, преку Франција стигна до финалето каде САД беа пресилни за браќата Гасол и останатите. Мечот на олимпискиот турнир се памети поради искрите на теренот, особено во дуелите меѓу Батум и Руди Фернадез.
 
Француската одмазда започна на последните две големи натпреварувања, најпрвин на ЕП во Словенија, Франција славеше во полуфиналето, дури по продолжението иако на полувремето Шпанија имаше предност од 14 поени.
 
Финалниот удар ‘триколорите’ на ‘црвената фурија’ ѝ го зададоа на минатогодишното Светско првенство. Среде Мадрид, Франција која Мундијалот го одигра без Тони Паркер, победи со 65:52 и ја остави Шпанија без пласман во полуфиналето. Подоцна Франција загуби во полуфиналето од Србија и го освои бронзениот медал.
 
Франција и Шпанија својот меч ќе го започнат во 21 часот, претходно во Лил ќе се играат натпреварите за пласман од петтото до осмото место: Грција-Летонија (16 ч) и Италија-Чешка (18.30).