Loading Video...
Ракомет
25. January 2018 - 18:45

ЕП - Хрватска 2018: Македонија заврши на 11.то место

Европското првенство за Македонија заврши со две победи, едно реми и три порази и освоено 11.место. Почетокот добар завршницата во Вараждин без здив и за потребниот исчекор. Се повреди притоа и капитенот Лазаров, па двата дуела со Шпанија и со Данска, кои ги освоија првите две места во групата ги загубивме со двоцифрена разлика. Сепак другите четири натпревари нашите ракометари ги одиграа на високо ниво и нијанси не делеа од тоа покрај двете победи да запишеме уште две. Со самото тоа горчината на резултатите ќе ја немаше. Европскиот првак Германија се извлече и прашање е само каков ќе беше исходот ако Стоилов погодеше. Слична драма и во Вараждин со Чешка водство 50-тина минути, потоа два помашени седмерци во последните пет минути и победа на противникот, а горчината на поразот за македонските ракометари.

Првенството донесе и позитивни работи, покрај победите над Словенија и Црна Гора. Голманот Митревски беше рамо до рамо со Ристовски, на последниот дуел со Данска имавме бековска линија Талески-Кузмановски- Велковски, трио кое треба допрва да се докажува на меѓународната сцена, но покажа дека сериозно може да се смета на нив, секако тука заедно со Кирил Лазаров и Филип Миркуловски, како и Филип Лазаров кој ги искористи своите минути. Стоилов доби поддршка од Пешевски. Малку и заради играта крилата ни беа отсечени, но Поповски сосема солидно ја заврши работата.  Манасков е нашиот најдобар стрелец. Мирниот Раул од клупата со поставената тактика стигна до две победи и реми во Загреб. Затоа пак во Вараждин остана дилемата зошто го чуваме Миркуловски на клупата против Шпанија, а Кузмановски на дуелот со Чешка.

Нашата репрезентација како и на сите првенства досега имаше огромна поддршка од навивачите, кои во Загреб беа повеќе од 3.000, а неколку илјади беа и во Вараждин.

Македонија поради пласманот во втората фаза од шампионатот успеа да се избори да биде во групата носители за претстојната ждерпка за бараж дуелите за СП 2019 година.