Свет
10. January 2017 - 12:00

ЕПП ги обвини социјалистите и либералите за уривање на договорот против евроскептиците

Претседателот на Европската народна партија (ЕПП) во Европарламентот, Манфред Вебер денеска на прес-конференција во Брисел ги обвини Партијата на европските социјлисти (ПЕС) и Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ) за непочитување на меѓусебниот договор за креирање на „голема коалиција“ против евроскептиците и радикалите.

Ваквото обвинување на Вебер доаѓа една недела пред гласањето за нов претседател на Европскиот парламент, откако досегашниот негов прв човек Мартин Шулц од редовите ПЕС, реши да се врати во својата земја и да се посвети на германската национална политика.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, и покрај договорот меѓу ЕПП, ПЕС и АЛДЕ, идниот претседател на Европарламентот да биде од редовите на европската десница, сепак трите партии излегоа со свои кандидати за оваа функција.

- Договорот го постигнавме веднаш по изборите за Европарламентот, а со цел да спречеме евроскептици и радикали да влијаат на која било одлука во законодавниот дом на Европската унија. Ова специфично партнерство беше за демократите да се соберат по изборите и да работат на компромиси. Го претставувам договорот, на кој сме потпишани јас, тогашниот лидер на еворпските социјалисти во ЕП, Шулц и претседателот на либералите, Ги Верхофштад. Истиот предвидува на овие избори да се избере претседател на Европскиот парламент од редовите на ЕПП, порача германскиот европратеник Вебер.

Првиот човек на еворпската десница во ЕП, посочи дека никаде во овој договор нема услов, на кој сега се повикуваат социјалистот Џани Питела и либералот Верхофштад, дека е важно трите главни позиции во институциите на ЕУ - Европска комисија, Европски совет и Европски парламент, да не бдиат во рацете на една партија.

Во моментов претседатели на Еврокомисијата и на Ецропскиот совет се Жан-Клод Јункер и Доналд Туск, кои доаѓаат од редовите на ЕПП.

- Во времето кога го постигнавме овој договор, важно беше партнерство против евроскептиците и екстремистите во Европскиот парламент. Ако го видите изгледот на Европарламентот, ќе видите дека без соработка на проевропските сили, тогаш радикалните фракции можеа да влијаат на одлуките. Тоа беше главно за договорот. За несреќа, ние во ЕПП гледаме дека договорот се крши и нема простор за поинаква интерпетација. Во договорот нема референца на други институции на ЕУ и гласините што се шират дека има поврзаност меѓу ЕП и другите институции на Унијата, едноставно не е точна, истакна Вебер.

Според него, за нов претседател на Европскиот парламент, чиј избор ќе се одржи идниот вторник во Стразбур, Европската народна партија го предлага Италијанецот Антонио Тајани, кој е поранешен еврокомесар, ПЕС го кандидираа Џани Питела, кој беше дел од скандалот со објавените комуникации на сајтот „Викиликс“ и кој беше обвинет дека е директно платен и работи за интересите на Џорџ Сорос, додека АЛДЕ пак го номинира со својот претседател Ги Верхофштад.

- Следниот вторник, секој што ќе сака да го уништи договорот меѓу проевропските сили, ќе биде одговорен затоа што дозволил евроскетиците и радикалите да одлучуваат во оваа куќа. Ние ќе работиме со сите сили тоа да не се случи. Освен од социјалистите, Питела е кандидиран и со поддршка на европска екстремна левица ГУЕ/НГЛ, каде исто така има евроскептици. Верхоштад, пак, сакаше договор со движењето „Пет ѕвезди“ на евроскептикот Бепе Грило, кој веќе испрати писмо за збогување до Најџел Фараж и го фалеше за големиот успех во Велика Британија во врска со референдумот за излегување од Европската унија, посочи Манфред Вебер.

Претседателот на ЕПП во Европскиот парламент, додаде дека еворпската десница е единствена во ЕП што се држи до договорот и одбива соработка и коалиција со која било евроскептична сила.

Тој изрази загриженост дека по следните избори за Европарламентот во 2019 година ќе има голема нестабилност, нагласувајќи дека ако сега социјалдемократите и либералите го прекршуваат пактот, во 2019 ЕПП нема да сака таков договор.

- Нашата врата е отворена за правна соработка која е многу важна меѓу трите најголеми групи во Европарламентот и таква соработка е важна за борба против тероризмот. Нашата врата е отворена, но последните денови гледам тешкотии и ако погледнеме на состојбата и ако потписот на Вергофштад не важи, тогаш што тоа говори за иднината. Социјалистите и либералите ќе понесат одговорност за нестабилноста во ЕП, изјави Вебер, изразувајќи надеж дека до вторник ќе се смират страстите и дека ќе се почитуваат договорите.

Инаку, Европската народна апртија има 220 пратеници во Европскиот парламент кој има 751 место. За избор на претседател на ЕП е потребно апсолутно мнозинство, односно 376 гласови.

Вебер истакна дека ЕПП останува со Тајани како кандидат и ќе чека другите партии од големата коалиција да гласаат за него, иако кандидатите Питела (ПЕС) и Верхофштад (АЛДЕ) на големо преговараат со сите помали партии во Европарламентот за поддршка на нивната кандидатура.