Бизнис
21. January 2022 - 16:33

ЕСМ денеска го презема работењето со БЕГ и Скопје Север, договорот непознат за јавноста

ЕСМ и официјално од денеска го презема работењето со БЕГ и Топлификација Скопје Север. Министерот Бектеши се надева дека 6 милиони евра ќе бидат доволни да се надмине кризата со топлинската енергија. Очекува цените на гасот на светските берзи во следниот период да почнат да паѓаат. Договорот со снабдувачите, државните електрани ќе го потпишат во текот на денот, по што 6 милиони евра од буџетот ќе се префрлат на ЕСМ, за да можат да менаџираат со кризната состојба.

Бектеши посочи дека ЕСМ треба да соопшти што содржи договорот. Од компанијата потврдија дека договорот ќе се потпише, но не прецизираа кога ќе биде достапен за јавноста.

Преземањето на работата на БЕГ и Скопје Север доаѓа откако по Нова Година цената на гасот драстично се зголеми, а снабдувачите со толинска енергија се изјаснија дека поради поскапувањето имаат потешкотии во работата и побараа државата финансиски да ги помогне.

Бектеши уверува дека и состојбата со струјата е стабилна. На депониите во РЕК има 250 илјади тони јаглен, дел од домашно производство дел од увоз.