Свет
21. August 2017 - 18:47

ЕУ бара преговорите за Брегзит да се одвиваат според утврдениот дневен ред

Брисел денеска повторно побара од владата во Лондон, преговорите за Брегзит да се одвиваат според утврдениот дневен ред.

Претставник на ЕУ за британските медиуми изјави дека објавувањето на предлог-документите на британската влада за преговорите, нема да влијаат за менување на дневниот ред со теми и прашања за кои се преговара.

Реакцијата на ЕУ доаѓа по објавувањето на уште еден таков владин документ, со кој се сугерира да се обезбеди трговијата и услугите меѓу двете страни да продолжат како и досега и на денот кога Велика Британија ке излезе од Европската Унија.

Британскиот предлог што денеска е објавен сугерира стоките, што веќе се наоѓаат на пазрот на ЕУ и на Велика Британија, да останат таму каде што се наоѓаат, за продавање, без да им се додаваат дополнителни рестрикции.

Според британското толкување, овој предлог би требало да помогне во заштитата на потрошувачите.

Но, појавувањето на овој документ кој спаѓа во групата прашања поврзани со идните трговски врски на ЕУ и Британија, во Лондон се толкува како притисок врз ЕУ, пред третата рунда преговори, предвидена за идната недела.

Министерството за Брегзит и министерот Дејвид Дејвис, кој е шеф на британската делегација, продолжуваат и натаму да бараат преговорите да се водат паралелно, на два колосека, што значи и за трговските врски , откако Велика Британија нема да биде членка на Унијата.

Дејвис за лондонските медиуми веќе изјави дека во текот на оваа есен ќе побара отворање на „ново поглавје“ во преговарачкиот процес, мислејќи притоа на преговорите за трговијата.

Брисел и сите 27 земји членки, меѓутоа, инистираат на ставот уште пред да се отвори дијалогот за Брегзит, дека нема да се разговара за идните европско-британски односи, се додека не се завршат преговорите за трите најважни прашања: статусот на европските државјани кои се на британска територија, британското финансиско раздружување со ЕУ и границата меѓу Севрена Ирска и Република Ирска.