Балкан
5. August 2022 - 12:54

ЕУ и додели на Србија 223,7 милиони евра неповратни средства за седум проекти

Српската министерка за евроинтеграции и национален ИПА координатор, Јадранка Јоксимовиќ, денеска соопшти дека Европската унија и додели на Србија грантови од 223,615 милиони евра за инвестирање во седум проекти, од кои три се во транспортниот сектор, два во енергетскиот сектор и по еден проект во дигиталниот сектор и социјалната инфраструктура, јави дописникот на МИА од Белград.

Средства се одобрени во рамките на шестиот повик за предлог-проекти од Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ) на Европската унија, а вкупната проценета инвестициска вредност на одобрените инфраструктурни проекти е 885.413 милиони евра, се наведува во соопштенеито на Министерството за евроинтеграции.

Проектите од транспортниот сектор, за чија реализација се одобрени средства во вкупна вредност од 135.740.290 евра, опфаќаат железнички и воден транспорт и се насочени кон модернизација на железничката линија Ниш-Димитровград-граница со Бугарија и реконструкција и модернизација на постојната пруга и изградба на втора пруга на делницата Сталаќ-Ѓунис, што е дел од пругата Белград-Ниш.

Во енергетскиот сектор одобрениот износ од повеќе од 17 милиони евра неповратни средства од ЕУ ќе се искористи за реализација на Трансбалканскиот коридор преку изградба на далноводна интерконекција меѓу Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, но и за развој и модернизација на електродистрибутивната мрежа со воведување напреден систем за отчитување на броилата и контрола на потрошувачката на електрична енергија.

Во секторот социјална инфраструктура, поточно во здравствениот сектор, одобрени се грантови за изградба на новата зграда на Универзитетската детска клиника „Тиршова 2“ во вредност од околу 36,4 милиони евра.

Во секторот за дигитална инфраструктура, одобрен е проект наречен „Рурален широкопојасен интернет“, кој ќе обезбеди воведување „брз“ интернет во руралните средини за речиси 700 домаќинства и за повеќе од 1.500 јавни објекти, вклучително и училишта.

-Приклучувањето на Србија во ЕУ не значи само исполнување на критериумите од преговарачките кластери и усогласување со законодавството на Унијата, туку пред се има за цел да ги подобри условите за живот на сите наши граѓани, што е приоритет на целото раководство на Република Србија, нагласи Јоксимовиќ, се наведува во соопштенеито.