Македонија
10. August 2022 - 16:38

Еврејската заедница остро реагира на регистрацијата на здружението цар Борис трети

Еврејската заедница и Фондот за холокаустот на Евреите од Македонија се згрозени и навредени од регистрацијата на Здружението Цар Борис III од Охрид и го сметаат за глорификација на нацизмот и фашизмот. Тие во соопштение до јавноста потсетуваат дека Цар Борис III, е ликот кој е директно поврзан со депоратацијата на македонските Евреи во Треблинка. Бараат државата да обезбеди правна рамка со која ќе спречи формирање на вакви друштва.

Леви вели дека ваквите здруженија се провокација од бугарска страна, не се во духот на добрососедството.

Здружението цар Борис III, е регистрирано на лани на 17 ноември и тоа како здружение за афирмација за културните вредности на македонските Бугари. Главна иконографијата на неговата Фејсбук страница се фотографии од Цар Борис, а објавите се пишувани на бугарски јазик. Има објави дека членови на Здружението оставиле цвеќе пред спомениците на Гоце Делчев и Даме Груев на Илинден кој, како што пишуваат, е „Голем ден за Бугарите“. Но има и објави дека Бугарите во Македонија живееле во репресија.

 „Сите Бугари кои живеат во С. Македонија и се дискриминирани поради нивната етничка определба повеќе не треба да молчат и треба да реагираат до бугарските институции во С. Македонија. Дискриминацијата на Бугарите во Македонија мора веднаш да сопре!“, пишува во една од објавите на Здружението.

Претседателот на Цар Борис 3, Томе Блажевски, во телефонски разговор за Сител коментира дека Здржението деновиве се злупотребува во политички цели.

 „Ова не е ново регистрирано здружение постои веќе една година, но сега им текна, не сме им сметале кога сме се регистрирале, сега им сметаме. Ние сме почитувачи на делото на Цар Борис III .Сакаат да не злоупотребат политички, а ние сакаме само да сме настрана.  Нека си решаваат политичарите на Македонија и Бугарија“, коментира Блажевски.

Тој не открива колку членови брои Здружението. Не ги откри ни донаторите иако вели дека се финасира од чланарина, но и од донации од Бугарија.  Блажевски тврди дека не постои канцеларија на Здружението, ниту пак дека има намера да се проширува во други места надвор од Охрид.