Македонија
21. February 2019 - 18:48

Евроамбасадорот Самуел Жбогар во посета на Тетово

Вистински европски ден во Тетово. Вака евроамбасадорот Самуел Жбогар ја оцени својата денешната посета на Тетово во чии рамки ја посети и се сретна со вработените и учениците на тетовската гимназија Кирил Пејчиновиќ, а потоа имаше и средба со градоначалничката на општината Теута Арифи.

Претходно раководителот на одделот за соработка во мисијата на ЕУ во Скопје Николо Бертолини во другата тетовска гимназија 7 Март одржа работилница за добивање средства од ЕУ фондовите за претставници на локалните власти, невладините организации, бизнисмените и фармерите од регионот.

-Пријатно сум изненаден од ентузијазмот на учениците во гимназијата Кирил Пејчиновиќ и нивниот интерес и за ЕУ, но и за својата земја. Посакуваав на оваа средба да беа присутни и политичките лидери самите да ги слушнат размислувањата и да прифатат дел од советите на овие млади луѓе кои се иднината на оваа земја. Со градоначалничката Арифи разговаравме за реализацијата на еден од најголемите проекти на ЕУ во земјата – изградбата на пречистителна станица за отпадните води за Тетово и околината како и можните идни проекти што ќе придонесат за понатамошен успешен развој на градот, рече амбасадорот Жбогар.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто најголем дел од изградбата на патната инфраструктиура што е финасирана од ЕУ претежно се наоѓа во источниот дел од државата Жбогар изјави дека кај нив никогаш географијата не била принцип за распределување на средства, туку дека сите зафати се реализираат во соработка со Владата за таму каде има потреба и подготвн проект за тоа.

-Тетово со добиени 23 милиони евра за изградба на пречистителна станица е меѓу водечките проекти на ЕУ во земјава и се надевма дека ќе има уште такви и слични зафати во иднина и за Тетово и за Полог, рече Жбогар.

Градоначалничката Арифи ја поздрави подршката што канцеларијата на ЕУ ја дава за Тетово и воопшто за држават како подршка на европскиот концепт за работа и живот.
-Процесот на отворање на преговорите за пристап на нашата земја во ЕУ останува еден од најголемите приоритети за институциите и граѓаните во нашата земја, рече Арифи.