Loading Video...
Свет
9. August 2020 - 16:51

Европските и лидерите од Блискиот Исток денеска разговараа за собирање помош за Бејрут

Европските и лидерите од Блискиот Исток денеска разговараа за собирање помош за Бејрут, преку виртуелен видео самит кој го организираа Франција и Обединетите нации. На отворањето на Самитот, францускиот претседател Макрон повика на брза акција и на ефикасна поделба на помошта за либанските граѓани. Интернационалната помош мора да биде насочена и кон независна и кредибилна истрага за катастрофата која се случи, потенцираше Макрон во обраќањето. На видео конференцијата учествуваше и американскиот претседател Доналд Трамп. Властите проценуваат дека разорната експлозија во магацинот каде што се наоѓале над две илјади тони амониум нитрат предизвикала штета од 15 милијарди долари. Во експлозијата загинаа најмалку 158 луѓе, повредени се шест илјади, а 300 илјади ги загубија своите домови. Експлозијата ја разниша и либанската влада. По вчерашните протести, оставка поднесе министерката за информации, а премиерот Диаб најави дека ќе предложи одржување предвремени избори во земјата.

Во јапонскиот град Нагасаки се одбележува 75 годишнина од американското нуклеарно бомбардирање во Втората светска војна. Градоначалникот и преживеаните од трагичниот настан апелираа до светските лидери за поголеми заложби за забрани на нуклеарното оружје низ светот. Точно во 11 часот и две минути по локално време, момент кога американскиот бомбардер ја исфрли бомбата, преживеаните и бројните гости им оддадоа почит на сите жртви со минута молчење. Бомбардирањето на Нагасаки на 9-ти август однесе 70 илјади човечки животи.

Oсум месечно бебе е најмладата жртва во поплавите кои го зафатија грчкиот остров Евија. Во силното невреме со обилен дожд што го зафати островот животот го загубија пет лица, три од нив откако биле заглавени и не успеале да ги напуштат поплавените домови, додека две лица се водат како исчезнати. Противпожарната служба на Грција интервенирала во спасување на над 50 лица. Од Противпожарната служба на Грција соопштуваат дека интервенирале во 47 случаи за спасување на граѓани, додека осум лица биле спасени со хеликоптер.

Главниот американски епидемиолог Ентони Фаучи оцени дека вакцината против коронавирус нема да биде целосно ефикасна. На онлајн семинар одржан во Универзитетот Браун, Фаучи истакнал дека очекува вакцината да даде резултат кај 50 до 60 проценти од оние кои ќе ја примат. И покрај тоа, вели Фаучи, концептот на јавното здравство никогаш не смее да биде напуштен, бидејќи е невозможно да се развие вакцина која ќе биде целосно ефикасна.