Македонија
23. January 2023 - 21:13

Европските перспективи - тема во Собранието

Условот за внесување на Бугарите во Уставот ја засени првата парламентарна дебата за скрининг процесот со Европската унија. Вицепремиерот Маричиќ наместо детали како македонските институции поминуваат пред бриселските тимови порача дека од пратениците на опозицијата зависи дали Македонија ќе почне вистински преговори или пак, ќе се соочиме со нова блокада, но овој пат одвнатре.

И пратениците на власта сметаат дека енергијата за европскиот пат треба да се насочи на уставни измени.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, строго на ставот дека реформите, особено во правосудството и слободата на медиумите, се тие кои значат европеизација на државата. За уставни измени требаат избори.

Од Алијанса на Албанците која е среде преговори за влез во Влада повикаа да се гласат уставни измени, но и да се направат потребните реформи.

Иако на дебата беа присутни и ЕУ-експерти тие овој пат решија да не го коментираат досегашниот тек на скринингот.