Македонија
7. July 2017 - 17:30

Евростат: Македонија доцни со попис, кој е статистичка, а не политичка операција

Според директорот во највисокото тело за статистички операции во Европа, методологијата за спроведување на попис е определена од Обединетите нации и истата не смее да биде предмет на политичко пазарење и извртување на принципот и начинот на извршување, а со цел остварување на било-какви други цели што немаат врска со една класична статистичка операција.

- Нормално, попис на население и домување се врши на секои десет години. Статистичкиот оддел на Обединетите нации (УНСД) ги раководи светските програми за попис на населението и домувањето, а следната програма за попис се однесува на 2020 година. Евростат ја дефинира европската програма за попис и бара со регулатива од земјите-членки на ЕУ да ги пријавуваат податоците за населението и домувањето на секои десет години.Генерално, политичкото и статистичкото опкружување треба да бидат издвоени кога станува збор за методолошки прашања. Државниот завод за статистика треба независно и врз основа на меѓународни препораки да утврди методологија за собирање на потребните податоци, односно за начинот како да се соберат податоците – вели Евераерс.

Многу поконкретен, директорот за меѓународна соработка на Евростат е во однос на тоа кој е периодот на престој што едно лице треба да го има на територијата на државата каде се врши попис и што е со оние државјани на државата што се надвор од земјата и работат во странство и колкав период едно лице треба да биде надвор или во земјата, за да биде вклучено во пописот. Тоа е точката на сопнување поради која во Македонија не може да се одржи оваа статистичка операција.

- Како општо правило, вообичаената жителска популација е дефинирана како оние лица кои имаат место на вообичаено престојување во земјата во референтното време на живеење и живееле или имаат намера да живеат таму за период од најмалку 12 месеци. Ова ги вклучува и лицата што се сметаат за привремено отсутни, а што е дефинирано како „лица кои обично живеат на местото на попис на пописот, но отсуствуваат или се очекува да бидат отсутни во референтното време за периоди помали од 12 месеци“. Ова е спротивно на лицата кои се сметаат за привремено присутни, што значи лица кои не живеат или не очекуваат да живеат на попишувачкото место најмалку 12 месеци на местото на попис и тие не треба да се сметаат за дел од вообичаената жителска популација - дециден е експертот на Европската канцеларија за статистика.

Во овој контекст, директорот Евераерс се повикува на препораките 392 и 408 од Генералните препораки за попис на населението и домувањето за 2020 година на Статистичката дивизија на Економската комисија на Обединетите нации (УНЕЦЕ), а одобрени од Конференцијата на европските статистичари (ЦЕС) во јуни 2015 година. Едната гласи дека ’место на вообичаено живеалиште’ е географското место каде што попишаното лице вообичаено го поминува секојдневниот одмор, проценет во одреден временски период, вклучувајќи го и референтното време на пописот, додека другата препорака се однесува на националните воени, поморски и дипломатски службеници и нивните семејства кои се наоѓаат надвор од земјата за време на пописот.

Пјетер Евераерс потврдува и дека Евростат има принцип и може директно да се ангажира со свои експерти во спроведувањето на пописот во една држава, како на пример во Македонија, но само во делот на подготовката на истиот, а не и во неговото директно спроведување на терен.