Македонија
25. September 2017 - 17:36

Фан-клубот ќе промовира нова песна од Тоше на 5 октомври

Фан-клубот „Тоше Проески“ и Фондацијата „Тоше Проески“ на 5 октомври 2017 од 20 часот на плоштад „Македонија“ ќе го организираат музичкиот хепенинг „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше". На настанот ќе биде промовирана  нова песна од Тоше, со наслов „Light the Flame“, која ќе биде најава за нов албум снимен во Лондон. 

- Недостигаат зборови за да се опише среќата и задоволството кое го чувствуваме што ја добивме привилегијата и честа првпат ние, фановите, да промовираме нова песна од Тоше. И десет години по прераната смрт на Тоше Проески, пламенот кај неговите обожаватели не згаснува. Оваа манифестација се одржува на денот на неговиот последен концерт во Скопје, со цел заедно да се присетиме на неговата музика и лик, но и да го создадеме легендарното „ѕвездено небо“ во негова чест, соопшти Фан-клубот „Тоше Проески“.

концерт за тоше

Од 2008 година „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше" се одржува секоја година на 5 октомври - датумот на кој Тоше во 2007 на Градскиот стадион во Скопје го одржа својот последен концерт, кој беше хуманитарен и наменет за подобрување на условите во образованието.

По 11 дена, на 16 октомври, Тоше Проески го загуби животот трагично, во сообраќајна несреќа на автопат кон Загреб. Загина на 26 години и во годината кога одбележуваше 10-годишен јубилеј успешна кариера.