Македонија
26. јуни 2020 - 17:04

Филипче го разреши Зибери - 163 новозаразени и тројца починати од Ковид-19

По вчерашните препукувања помеѓу министерот за здравство и директорот на скопскиот центар за јавно здравје, Филипче денеска го разреши Арбен Зибери. На негово место е назначен епидемиологот Александар Стојанов, кој и порано ја вршеше оваа функција, и е актуелен член на Комисијата за заразни болести.

-Зибери е разрешен заради пласирање неточни изјави во јавноста со што директно наштети на угледот на членовите на Комисијата за заразни болести, доведувајќи го во прашање кредибилитетот на здравствените институции во борбата со коронавирусот, соопштија од министерството за здравство.

Зибери вели дека разрешувањето има политичка позадина.

-Сметам дека ова е политичко, јас сум на листата за пратеници, и зошто токму сега кога мојот стус е од вторникот, а мојот чичко е кандидат за прв Албанец Премиер, изјави д-р Арбен Зибери, разрешениот директор на ЦЈЗ Скопје.

Позади ставот на Зибери преку соопштение застана и неговата партија ДУИ.

Филипче пак демантираше дека смената на Зибери е политичка, ниту дека е поради чичко му туку зошто го нарушил угледот на Комисијата за заразни болести.

-Разрешувањето  следи по неговата изјава  во однос на работата  на Комисијата, со што сметам дека го поткопа угледот на нејзините членови,  кои во целиов овој изминат период се раководеа според професионални принципи. Одлуките кои ги носеа беа исклучително врз основа на медицинската наука – епидемилогијата. И сметам дека никој не смее да политизира и да добива политички поени на такво  едно сензитивно прашање, изјави д-р Венко Филипче.

Во меѓувреме во Македонија има нова трицифрена бројка на заразени со коронавирус изминатото деноноќие. Од направени 1074 тестирања, 15 проценти односно 163 лица се позитивни на вирусот, 40 оздравеле, а 3 –ца пациенти починаа. Битката со вирусот во ГОБ 8 септември ја загуби 42 годишен ресенчанец за кого изминатиот период се бараше крвна плазма од оздравен од Ковид -19.

Најмногу новозаразени 70 има во Скопје, 25 во Тетово.

Од вкупно 3284 активни случаи, 425 се хоспитализирани.

Филипче на средби со верските лидери и невладини организации ќе бара поголем ангажман преку пораки до граѓаните да помогнат во справувањето со коронавирусот. Дополнителна мерка која стои на располагање е рестрикцијата на движењето за што според министерот за здравство засега нема потреба.