Македонија
11. August 2020 - 16:33

Филипче: Комисијата предлага настава онлајн освен за првите одделенија

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денес изјави дека на состанокот на Комисијата за заразни болести беа разгледани протоколите за работа на училиштата, а за утре е закажан состанок на кој ќе присуствуваат претставници на Министерството за труд и социјална политика и ќе бидат разгледани протоколите за работа на градинките.  

„Став на комисијата за заразни болести е наставата да почне да се одвива онлајн, освен во првите одделенија во коишто е неопходно физичко присуство на децата. Во оваа ситуација стравуваме дека транспортот од и до училиште, комуникацијата на децата на одморите, за време на влез во училиштето, во заедничките простории, во ходниците, во оваа ситуација, во есен во која едноставно не знаеме со што се соочуваме, што може да нѐ чека, не само ние, ниту една земја во Европа, ќе биде многу ризично да дозволиме децата да се вратат без никакво огрраничување во затворена просторија. Овој став јас го презентирав на денешната седница на Владата, сѐ уште трае дискусијата и со дефинитивен став и заклучок, имајќи ги предвид сите аспекти од Министерството за образование и наука верувам дека Владата ќе заземе дефинитивен заклучок во следните неколку дена“, потенцираше Филипче.