Македонија
21. November 2018 - 16:23

Филипче: Нема пари во буџетот за дополнително зголемување на платите за медицинските сестри

По реакциите на Синдикатот на Клинички и медицинските сестри за нееднаквото зголемување на платата од јануари со платите на лекарите, министерот за здравство е категоричен дека буџетот е тој и нема можност за повеќе.

Деновиве разговарале за исполнување на други нивни барања.  За протестот на матичните во повеќе градови Филипче вели дека прават напори за и ним да им излегле во пресрет.

Буџетот е тој и нема пари за исто зголемување на платата од јануари на сите здравствени работници. Вака министерот за здравство одговори на реакциите од синдикатот на Клинички и Унијата на медицинските сестри за нееднаквиот третман. Филипче се правда дека направил напори сесрите наместо од септември 5 отсто поголема плата да добиваат од почетокот на 2019 за кога за лекарите се планирани зголемени примања за 10 проценти. Најави дека деновиве имале интензивни средби за решавање на други нивни барања.

- За денес и утре се закажани средби. Нашиот буџет е тој, кој е одреден за зголемување на платите во здравството. Сепак нема да застанеме со комуникацијата и деновиве имаме состаноци со претставници на здруженијата и Комората на медицински сестри и да видиме кои се барањата и дали воопшто можеме да излеземе во пресрет, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

За протестот на матичните лекари во повеќе градови поради незадоволство од новите договори со Фондот за здарсвтво и ригорозната казнена политика, Филипче вели дека и со нив разговараат и бараат решение

-Правиме напори за да излеземе во пресрет за некои нивни барања, верувајте дека сите барања ќе им ги исполниме е невозможно, додаде Филипче.

Иако пред еден месец матичните и министерот се договорија пациентите да останат на ординацијата ако лекарот си замине, Филипчле вели дека сеуште бараат начин преку правилник да го реализираат, зошто вака ќе довело до суштинско менување на концептот на избор на матичен.