Македонија
26. March 2020 - 17:24

Филипче: Вонредната состојба и мерките кои што се воведоа се сосема доволен механизам да се постигне крајната цел

Вонредната состојба и мерките кои што се воведоа се сосема доволен механизам да се постигне крајната цел, а тоа е ограничување на движењето, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање дали се размислува за воведување на кризна состојба во главниот град со оглед на зголемениот број заболени.

Нагласи дека очекува да даде резултат значајното зголемување на часовите на ограничување на движење, односно полицискиот час за време на викендот.

– Вонредената состојба сметам дека засега со овој полициски час, што се воведува во текот на ноќта, понатаму во текот на денот за ризичните групи, граѓаните до 67-годишна возраст, понатаму на младите до 18 години. Тоа што има саати кога не се мешаат младите како преносители и постарите како најризична група и значајно долгиот полициски час за време на викендот. Дополнително со сите други мерки, како затворање на аеродромот, границите и т.н. мислам дека ќе даде соодветни резултати, изјави Филипче.

Посочи дека во рамки на Комисијата за заразни болести постојано ги анализираат апсолутно сите можни студии и пристапи, тестови , идентификување на можни кластери и потенцијални контакти околу пациентите што се познати.

– Меѓутоа во апсолутно сите студии и пристапи само една работа е заедничка. Тоа е дека ограничувањето во движењето дава резултати. Без разлика на пристапот, тестирањето, идентификувањето на вирусот, на антителата и други работи во однос на ова прашање. Во сите земји, единствено е јасно докажано, дека само ограничување на движењето дава намалување на бројот на пациенти, зарамнување на кривата и после одреден период и намалување новодијагностицирани пациенти, истакна Филипче.

Во Скопје досега се регистрирани 123 случаи на заболени со Ковид-19, според податоците од Министерството за здравство.