Македонија
27. November 2021 - 12:55

Финансиска стимулација за матичните лекари ако над 70 отсто од нивните пациенти се вакцинираат

 Истражувавме и изминативе два-три дена и ќе предложиме една нова мерка до Владата, а тоа е посебна стимулација за матичните лекари. Односно, матичните лекари да бидат финансиски стимулирани кога ќе надминат 70 проценти на вакцинација од вкупниот број на прикрепени пациенти да бидат наградени со 30 денари по пациент од вкупниот број пациенти кои се запишани кај нив. Има уште некои аспекти кои тука треба да се разгледаат, но мислам дека тоа е предлогот со кој ќе настапиме во вторник пред Влада, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Посочи дека за претходните мерки дискутирале на седницата на Владата.

– Свесен сум дека овие се едни од најтешките мерки поради што допираат во една сфера во која досега не сме имале мерки, а тоа се работните односи, работното место, меѓутоа заклучивме дека треба дополнително да истражиме и да видиме дали ќе има некои слични мерки кои нема да бидат толку сериозни, да загрозуваат нечие работно место а од друга страна ќе бидат стимулација за вакцинација и во таа смисла работевме интензивно, рече Филипче одговарајќи на новинарски прашања по изјавата пред Ургентниот клинички центар.

Во однос на новиот сој, потенцира, сега е се уште рано да се каже точно, станува збор за нова мутација на вирусот „Омикрон“ која има бројни мутации посебно во делот на спајкот и сега тука е сомнежот дека можно е да е потрансмисибилен отколку сите досегашни мутации.

– Меѓутоа, ние имавме и многу други мутации кои не се проширија досега. Имаше и оние други сценарија – делта сојот кој навистина секаде се прошири. Ќе ги разгледуваме сите овие работи во понеделник на состанок на Комисијата за заразни болести, најави Филипче.