Свет
6. April 2016 - 14:08

Германија ги запира пасошките контроли на границата со Австрија

Министерот за внатрешни работи на Германија Томас де Мезиер најави дека до средината на мај ќе ги запре пасошките контрола на границата со Австрија, кои беа воведени по почетокот на бегалската криза минатата година.

- Го намалуваме интензитетот на контролите и ги повлекуваме полицајците чекор по чекор. Врз основа на моменталната анализа, доколку бројот на мигранти остане низок од 12 мај нема да спроведуваме гранични контроли, изјави министерот за автриските медиуми.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, најавата од Германија доаѓа по барањето на Европската комисија за промена на правилата за азил во ЕУ, со кое е можна промена на правилото според кое бегалците мораат да поднесат барање за азил во првата земја на ЕУ каде што пристигнуваат.

Вонредните мерки на националните граници, кои иако се легитимни според европското законодавство, ги вжештија дебатите за функционалноста на „Шенгенскиот систем“. Мерките беа воведени во септември кога во земјата влегуваа и по 10.000 бегалци дневно.

Најавата за прекин на вонредните гранични контроли се случува откако дојде до драматичен пад на приемот на нови бегалци по договорот кој ЕУ го потпиша со Турција со кој официјална Анкара во замена за финансиска помош и забрзување на евроиннтеграциите се согласи да го спречи трансферот на бегалци кон Европа.