Македонија
30. November 2022 - 16:31

Германски путер и пудинг, јунешко и јагнешко - што содржи менито во затворот „Идризово“, а што јадат студентите

Германски путер, говедско, јунешко и пилешко место, јајца од А класа и јогурт за дури 80 илјади евра – ова е менито кое ќе го добијат затворениците во најголемиот казнено поправен дом Идризово. Според јавниот тендер за набавка на храна за идната година затворот во Скопје и отвореното одделение во Велес за следните 365 дена направиле мени во кое ќе биде набавен 1, 5 тон путер од германско потекло за кој ќе бидат одвоени 28 илјади евра. По главното јадење затворениците ќе добијат и германски пудинзи во повеќе вкусови за кои ќе се потрошат дури 35 илјади евра, српското сирење за 67.000 евра исто како и словенечката павлака. Управата на затворот нема да штеди ниту на овошје, а само за банани ќе искешира 8900 евра.

За целото мени кое го го избрале куварите од затворот ќе бидат потрошени повеќе од 1.100.000 евра. Директорот на затворот Идризово Шпенд Таири кој дал зелено светло за ваква набавка не одговори на повиците на Сител за да одговори како биле одбирани производите, но и на кој начин била избрана компанијата која ќе ги снабдува.

Според првиот човек на Управата за санкции Марјан Спасовски, во моментов во Идризово се сместени 1193 затвореници во Скопје и уште 40 во отвореното одделение во Велес. Ако се пресмета вкупната цената од навката, поединечно за секој затвореник на дневно мени ќе се одвојат по 150 денари за оброци секој ден во годината, кои според него се сервираат три пати на ден, но се внимавало тие да имаат висока енергетска вредност измерена во кило џули.

Додека затворениците ќе се хранат квалитетно со германски производи и разновидно месо, јавноста прашува како излгледа чинијата на еден студент.

Одвај 120 денари добиваат студентите за студентски оброк, но само за  време на работните денови. По едно јајце, парче салама и кришка леб според државата се доволни за идните академски граѓани да го поминат денот. Власта не ги прифати амандмани на опозицијата за зголемување на сумата за студентски оброк на 160 денари, па по истекот на законот во март незвесно е дали и колку пари ќе добијат студентите за едно дневно мени.