Балкан
9. February 2020 - 8:41

Германскиот амбасадор во Приштина му ја предаде на Курти поканата од Меркел

Амбасадорот на Сојузна Република Германија во Косово Кристиан Хелд му го врачи синоќа на новиот косовски премиер Албин Курти писмото од канцеларката Ангела Меркел, во кое таа му честита за новата функција и го кани во официјална посета на Берлин, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објавата на неговата страница на Твитер, каде што информира дека му ја пренел на Курти пораката од Меркел, Хелд, меѓу другото, вели дека Берлин од новите косовски власти очекува да се посветат на финализирањето на дијалогот со Србија за решавање на споровите меѓу двете држави.

– Среќен што лично му ги предадов честитиките и поканата од канцеларката Ангела Меркел за премиерот Албин Курти. Косово и неговите луѓе заслужуваат да одат напред: со добро владеење, борба против корупцијата, економска перспектива и финализирање на дијалогот, напиша Хелд.

Претходно во текот на вчерашниот ден приштинските медиуми го пренесоа писмото со кое Меркел му честита на Курти за новата должност и го кани на средба во Берлин.

– Вие и вашата влада имате значајни и тешки задачи пред вас. Тоа подразбира создавање и ширење на правната држава, борба против корупцијата и организираниот криминал, подобрување на економската состојба и, посебно, дијалог за нормализација со Србија. Тоа се главните чекори за јакнење на европската перспектива на вашата земја. Сојузната влада ќе продолжи да го поддржува Косово на тој начин. Ќе ме радува доколку наскоро ве видам во Берлин, се вели во писмото на Меркел објавено на службената страница на германската Влада.