Македонија
26. January 2017 - 16:52

Геронтолошкиот завод - прва здравствена установа со 3-годишна акредитација

Со високи оценки од надворешни независни експерти, Геронтолошкиот Завод во Скопје е прва здравствена установа во земјата која доби акредитација на три години.

Сертификатот кој им го додели Агенцијата за квалитет и акредитација е потврда дека пациентите добиваат висок квалитет на здравствени услуги.

Менаџерскиот тим на заводот задоволни што реконструкцијата, набавката на нова опрема, дополнителни амбуланти и методи на лекување  вродиле со плод.

-Сертификатот е доказ дека тоа што го работиме години наназад потврди дека сме на вистинскиот пат и вистинскиот начин за функционирање на оваа јавна здравствена установа. Доведоа до тоа ние навистина за едно рекордно кратко време да успееме да сфатиме што е тој процес на акредитација и сме многу горди што сме првата установа што ја доби оваа акредитација на три години, изјави Ленче Неловска, директор на Геронтолошки завод.

За две и пол години колку што постои Агенцијата за акредитација, има болници кои се уште не можат да дојдат и до степенот за пуштање на надворешни оценувачи. Им порачуваат на здравствените установи да го следат примерот на Геронтолошки завод кој е седма установа со сертификат.

-- Ова ни е прва акредитација на три години и ова нека биде апел до сите болници малку да забрзаат со процесот на подготовка за да пуштиме тим на надворешно оценување за да се стекнат со статус за акредитација. Сите акредитирани болници - досега имаме седум сертификати издадено, покажаа дека процесот на акредитација е можен и е успешен, изјави Елизабета  Зисовска, директор на Агенција за квалитет и акредитација.

Остануваат уште 49 здравствени установи кои треба да добијат акредитација, која според правилникот може да биде на една, три и пет години.