Македонија
9. March 2018 - 11:56

Голема полициска акција во Тетово, еве што пронајде полицијата

 Две лица се приведени во тетовската полиција откако при претрес на нивните домови се најдени повеќе пакувања марихуана и огнено оружје. 

Како што соопшти МВР, вчера врз основа на судска наредба, полициски службеници од СВР Тетово извршиле претрес во куќа и помошни простории на Е.М. (52) село Јажинце, тетовско.

При претресот во една од собите биле пронајдени 29 пакувања со марихуана, завиткани со најлонска фолија, со тежина од околу 30 килограми, дигитална вага, еден куршум калибар 7,62 милиметри, две зрна од непознат калибар со ралична големина и мало најлонско ќесе со хашиш. Пронајдените предмети со потврда биле одземени и предадени на вештачење, додека пак Е.М. бил лишен од слобода и задржан во Полициската станица Тетово за натамошна постапка.

Исто така вчера врз основа на претходно добиена судска наредба, бил извршен претрес и во дом и помошни простории на М.С.(39) во Тетово. Притоа биле пронајдени два пиштоли, кои тој ги поседувал без дозвола, едниот марка „Валтер П99“ со рамка со пет куршуми, калибар 9 милиметри, а другиот „Застава“ со рамка со седум куршуми, калибар 6,35 милиметри. По ова, М.С. бил лишен од слобода и задржан во Полициската станица Тетово.

По целосно документирање на случаите, против двете лица ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.