Свет
10. October 2016 - 13:23

Горбачов: Светот без нуклеарно оружје е потреба, а не утопија

Светот дојде до многу опасна точка и неопходно е да се запре и да се обнови дијалогот, бидејќи во спротивно тоа би била голема грешка, изјави денеска последниот претседател на СССР Михаил Горбачов. 

- Не сакам да давам специјални инструкции, но морам да кажам дека е потребно да се запре. Неопходно е да се почне дијалог. Недостигот на комуникација може да биде најголема грешка, изјави Горбачов.

Тој смета дека е потребно да се појде од главните приоритети - намалување на нуклеарното оружје, борба против тероризмот, но и зачувување на екологијата, додека се друго е во втор план.

- Светот без нуклеарно вооружување не е утопија, туку потреба. Не смееме да заборавиме што стои зад примената на нуклеарно оружје. До тоа може да дојде случајно, како последица на техничка грешка, но и намерно, поради зла намера на некој луд поединец или терорист. А сами знаете какви се последиците, предупреди Горбачов.

- Сите земји мораат да преговараат за нуклеарните капацитети се додека нуклеарното оружје во целост не биде уништено, инсистира последиот советски лидер.