Македонија
18. March 2020 - 14:18

Град Скопје: Носете маски и ракавици ако се возите во автобус

Градските власти им препорачуваат на корисниците на јавниот автобуски превоз да користат средства за лична заштита – маски и ракавици. Оваа препорака е во согласност со мерките за заштита на здравјето на граѓаните од ширењето на коронавирусот.

Град Скопје ги потсетува граѓаните дека сите возила на ЈСП Скопје се подложуваат на дополнителен третман за дезинфекција, уште од пред две недели. Секое возило, независно дали сообраќа цел ден на одредена линија или се вклучува еднократно, е подложно на дополнителна дезинфекција, како една од мерките за заштита од коронавирусот.

Возилата се дезинфицирааат со распрскување на соодветни средства на база на алкохол и Дезинтал 10 отсто, а се врши и рачна дезинфекција на одделни делови од возилото, како што се ракодржачите и слично. Секое возило се третира со дополнителната дезинфекција еднаш, пред вклучување на линијата или потоа, во зависност од динамиката и распоредот на сообраќање во јавниот превоз.

Од Град Скопје посочуваат дека редовна внатрешна дезинфекција на автобусите се врши секојдневно преку т.н. редовна дневна нега (чистење, миење) на возилата. Притоа, возилата се третираат со соодветни еколошки средства кои имаат дезинфекциско својство. Секое возило, пред да се пушти во сообраќај, е подложно на дневна нега.

Градот Скопје апелира до граѓаните одговорно да се однесуваат додека се во автобус, а своите отпадоци да ги зачуваат и да ги одложат во најблиската корпа за отпадоци, по излегувањето од автобусот.

Овие препораки имаат цел да се подигне нивото на јавната хигиена и да се заштити здравјето на граѓаните.