Македонија
6. October 2016 - 20:36

Град Скопје почна со субвенционирање за греење на пелети

Гостин во Дневникот на Сител во 19 часот е градоначалникот на Скопје Коце Трајановски .

- Во пресрет на претстојната зима и почетокот на сезоната на затоплување на домовите, му предложив на Советот на Град Скопје на денешната седница да донесе Програма за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети за 2016 година. Предложив Градот Скопје да им излезе во пресрет на граѓаните и да субвенционира купување печки на пелети, односно да надомести дел од трошоците направени при купување печка на пелети за затоплување на домовите, рече Трајновски.

Тој прецизира дека со мерката се предвидува Градот да надомести 70 отсто од вредноста на печката, но не повеќе од 30.000 денари. Мерката, како што кажа, не ги опфаќа домаќинствата кои имаат приклучок на градското централно греење.

- Право на учество на јавниот повик што ќе го објави Градот Скопје ќе имаат жителите на Град Скопје, кои ќе купат печка на пелети за затоплување на својот станбен простор по денот на објавување на јавниот повик и ќе поднесат образец за барање за искористување на правото за надоместок. Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати пријави, се до исполнување на предвидениот буџет за оваа намена, кој изнесува 5.890.000 денари, но не подоцна од 30 ноември годинава, т.е. јавниот повик ќе биде објавен во текот на наредната недела, по објавување на советот во Службен Весник на Република Македонија, а ќе трае до 30 ноември годинава, рече Трајановски.