Македонија
4. December 2015 - 13:44

Градскиот превоз во Кочани и догодина ќе биде субвенциониран од општината

Општина Кочани и наредната 2016 година ќе го субвенционира градскиот превоз на подрачјето на општината со учество од 50 проценти во цената на билетот за јавниот градски превоз. Воведувањето на градскиот превоз  се покажа како корисна инвестиција во која општината партиципира значен дел финансиски средства од сопствениот буцет.

На седницата на Советот на општина Кочани одржана денеска, советниците донесоа одлука за продолжување на субвенционирањето на јавниот градски превоз во Кочани што го организира општината  во текот на 2016 година.

-Врз основа на дозволата за општински линиски превоз на патници издадена од општина Кочани, градскиот превоз се остварува на релацијата село Оризари, м.в. Бавчалук - Хотел Национал и обратно со термини на поаѓање во 8, 10, 12 и 16 часот од село Оризари и 9, 11, 13 и 17 часот од Хотел Национал. За периодот од 1 јануари до 30 октомври оваа година Авто Атом  има превезено 73.133 патника, корсници на градскиот линиски превоз, што е двојно зголемување во однос на истиот период минатата година, истакна градоначалникот на општина Кочани Ратко Димитровски.

Компанијата Авто Атом наплатува билет по цена од 10 денари, а општината Кочани за секој продаден билет на Авто Атом му дотира уште 10 денари.