Македонија
7. December 2015 - 22:03

Груевски: Демографијата и наталитетот меѓу највисоките приоритети

Нема економија без луѓе, нема пласман без потрошувачи, нема училишта без деца, нема општини без граѓани, нема држава без народ. Бројките се немилосрдни и јасно кажуваат дека имаме повеќедецениски пад на наталитетот. Се работи за 60 години надолен тренд. Години и децении кога демографијата и наталитетот беа запоставувани, рече вечерва премиерот Никола Груевски во обраќањето на свечената академија по повод утрешниот државно-црковен празник Свети Климент Охридски.

Ако останат сегашните бројки, параметри и трендови, Македонија, посочи Груевски, ќе се соочи со сериозни, сериозни демографски предизвици. Не може да биде утеха или оправдување дека тој проблем го имаат и многу други држави.

Демографијата и наталитетот, нагласи, се апсолутно меѓу највисоките приоритети, меѓу најважните прашања за сегашноста и иднината на нашата држава.

Осврнувајќи се на статистиките, премиерот укажа дека изминативе 55 години бројот на родени деца по жена е намален за 63 отсто што е, нагласи, сериозна, голема демографска рецесија од цели 63 проценти. Околу 50 отсто од нашите семејства, пак, и голем број деца немаат братче или сестричка, а тоа значи дека во околу 50 проценти од семејствата имаат едно дете.

- Не сакам овој говор да се сфати како критика кон било кого. Не сакам никој да биде лично прозван или засегнат. Се работи за право на избор и тука секој ги носи одлуките за себе. Јасно, стапувањето во брак, родителството, семејството и бројот на деца е лична одлука на секој поединец. Тоа е приватна работа и таму секој го прави својот избор, но ние мора да се запрашаме каде одиме и што мора да направиме. Како претседател на Владата сум должен да укажам на демографските движења и повеќедецениската рецесија на наталитетот, подвлече Груевски. 

Според него, владините мерки за зголемување на наталитетот што почнаа во 2008 година, дадоа резултат. Моментно, токму растот на третородените деца во Македонија го одржува наталитетот во бројот на родени и го зголемува фертилитетот. 

- Како се случи зголемувањето во бројот на родените? Најмногу преку растот на бројот на 3-то родени деца. Мерките за помош на 3-то родените деца почнаа во 2008 година. Во 2008 година имаше 22.945 родени бебиња, од кои 2.677 трети деца. Во 2014 година имаме 23.674 родени бебиња, од кои дури 3.715 трети деца. Значи, скок во 3-то родените деца од 2.677 на цели 3.715 трети деца. Тоа се цели 1.038 деца повеќе ТРЕТИ деца во семејството, одошто пред седум години. Бројка од 1.038 деца воопшто не е за потценување, рече Груевски и додаде дека бројот на трети деца во семејството е зголемен за цели 39 отсто.

Потсети дека 2005-та беше најлошата демографска година во историјата на Македонија, со најмал фертилитет од само 1,4 деца по жена. Тогаш имаше 22.482 родени деца, а лани 23.674.

- Зголемен фертилитетот, односно бројот на родени деца по жена. Скокот е за цели 1.192 родени деца повеќе во една година. Тоа не е мала работа. Во тој дел, Македонија е исклучок и позитивен пример за многу земји на Балканот и во Европа. Изминативе 10 години во огромен број на земји на Балканот, во Западна и во Источна Европа се намалува бројот на родени деца, а во Македонија имаме зголемување на бројот на родени деца, подвлече премиерот.

Груевски заклучи дека решението за наталитетот не е само во носењето закони, прописи, поттикнување, олеснување и субвенции. Сето тоа помага и е добро, но најважниот одговор е во нашите семејства, во нашите сфаќања и светогледи, нашите млади луѓе, нашите вредности и идеали, во нашата љубов која сме подготвени да им ја дадеме на нашите деца.

- Одговорот е во моралот и системот на вредности. Во приврзаноста и лојалноста. Во љубовта и во срцето. Во одлуката да се биде добар родител и добар сопруг и сопруга. Во одлуката да се сака своето семејство. Мора да допре пораката дека семејството и децата се нашето најголемо богатство, потенцира претседателот на Владата. 

Груевски повтори дека луѓето се најважниот и најголемиот ресурс.

- Попусти се сите природни и рудни богатства, државни структури или стратегии, ако на големи пространства едноставно немате луѓе. Тоа значи помалку инвестиции, помала потрошувачка, помал интерес за патишта и автопати. Избираме дали ќе бидеме една остарена држава, со еден куп општини на смртна постела поради депопулацијата. Дали сакаме да бидеме витална, жива држава, со деца и со иднина, или ќе бидеме територија со стари села и градови? Дали сакаме полни куќи и училишта или земја без детски џагор? Дали ги сакаме вистинските вредности? Или, ќе ги живееме анти - вредностите кои се негација на она што значи традиција, семејство и иднина, рече премиерот. 

Клучни се, нагласи, семејните вредности.

- Наталитетот, семејството и децата се првенствено прашање на свеста, изборот, светогледот и желбата. Ниту една стратегија не е успешна без личната одлука на поединецот. Од ова не треба да се прави дневно – политичко прашање, зашто се работи за премногу сериозна тема за иднината на државата. Ги засега економијата, пензиите, образованието, даноците, здравството и многу, многу други аспекти. И на локално, и на државно ниво, додаде Груевски.