Македонија
20. January 2016 - 19:08

Груевски најави нови мерки за подобрување на животот на младите

Иднината на младите останува во фокусот на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот Никола Груевски најави бесплатен железнички викенд за млади до 27 години. Од март годинава, со овој проект секој прв и трет викенд од месецот младите ќе можат да користат бесплатен повратен билет за железничкиот сообраќај низ цела Македонија, што претставува знаќителна финансиска поддршка и заштита на стандардот на младите.

„Оваа мерка е практично проширување и збогатување на можноста која и досега постоеше за бесплатно патување во железничкиот патнички сообраќај за млади лица до 27 години, во третиот викенд во месецот што започна во јули 2014 година. За проширување се одлучивме поради исклучително позитивните резултати и големиот интерес кај младите, за шесте месеци во 2014  година и 11 месеци од 2015 година таа мерка досега  ја искористиле преку 48.758 млади со што заштедиле околу 17 милиони денари рече Груевски.

Од март годинава ќе стратува и проектот за бесплатна обука за основни компјутерски вештини и изучување на странски јазици за лица до 29 години. Секоја година по 1000 млади ќе бидат вклучени во обуките за компјутерски , а по 1000 во обуките за јазични вештини. Ќе се изучуваат англискиот, германскиот и францускиот, трите светски јазици кои во моментов се најбарини на пазарот на трудот, со што младите ќе станат поконкурентни и полесно ќе дојдат до работа.

„За таа цел кон крајот на февруари оваа година ќе биде распишан јавен повик преку АВРМ со цел да се пријават заинтересираните кандидати, додека селекција на кандидатите ќе биде по принципот успех на студии согласно ранг на универзитетот, 35 бода и социјален статус кој ќе носи и до 65 бода. А за младите кои не студираат, ќе се земе во обзир само социјалниот статус, сметајќи го вкупниот приход во семејството на годишно ниво. Со оваа мерка им се помага на младите да се стекнат со вештини и знаења потребни и барани на пазарот на трудот рече Груевски.

Со третиот проект ќе се подобруваат условите во студентските домови. Од јануари идната година Груевски најави изградба на перални и сушални во сите 10 државни студентски домови. Проект кој е особено значаен за 6.500 студенти кои престојуваат во студентските домови.

„Вкупно за сите државни студентски домови се предвидени 50 машини за перење и 50 машини  сушење распоредени во зависност од бројот на студенти во секој од нив. Со ова ќе се надмине еден реален и дологодишен проблем на студентите сместени во државните студентски домови и кои минуваа низ бројни непријатности, и практично ова ќе биде задоволување на уште едно нивно барање. Проектот ќе се спроведува преку министерството за образование и наука, а почетокот на реализација ќе биде од јануари 2017та година, рече Груевски.

Груевски најави дека од октомври годинава ќе започне изградба на фитнес зони во 18 градови низ  Македонија. Проект кој ќе биде реализиран преку Агенцијата за млади и спорт и локалните самоуправи. Исто така ќе се градат нови читални во Струмица, Велес и Аеродром. Современите просторни капацитети ќе го помогнат процесот на студирање и едукација и ќе бидат опремени со соодветна литература. Проект кој ќе стартува од јануари следната година.

Сите 5 нови проекти се добро обмислени, обезбедени се сите потребни услови и ресурси, а ќе бидат реализирани преку ресорните министерства во соодветна процедура со почитување на сите законски прописи. Груевски потенцираше дека младите ќе бидат во фокусот и на новата предизборна програма, која ќе предвидува уште многу нови проекти кои ќе решат голем број на проблеми.