Бизнис
28. July 2016 - 14:53

Груевски: Носењето странски консултанти во домашните компании е одличен проект, треба да се зајакне

Носењето странски консултанти во домашните компании е одличен проект кој во иднина не само што треба да продолжи, туку треба  да се направат напори да се зајакне и да се зголеми бројот на консултанти во една година во македонските компании, оцени денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

- Проектот за странски консултанти во домашните компании што го започнавме пред две-три години континуирано тече и оди добро. Тие даваат консултациии во различни области зависно од нивното знаење, но и од потребите на компанијата која ги ангажирала. Компаниите на оглас најавуваат каква потреба имаат и кажуваат каков консултант им треба дали за маркетинг, технологии, индустриско производство, како да го зголемат извозот, да го подобрат производот, да произведат нов производ,... Владата се труди и наоѓа можности да ги донесе во Македонија и да ги стави на располагање на компаниите. Во првата фаза се донесоа 50 консултанти, а во втората фаза што се спроведува годинава 30 странски консултанти веќе престојуваа. Десет од нив ќе дојдат во наредните месец до два, а 15 до крајот на годинава, изјави Груевски, одговарајќи на прашање при посетата на општина Илинден.

Тој прецизира дека годинава вкупно нови 55 експерти во одредени области со големо искуство ќе престојуваат во македонските компании и ќе го пренесаат своето знаење.

- Тоа се луѓе кои работеле во многу поголеми капацитети од нашите и кои добро ги познаваат меѓународните пазари и современите технологии поради што се од голема помош за нашите фирми. Проектот го смисливме пред две-три години и веднаш почнавме да го реализираме во соработка со различни асоцијации на консултанти, рече Груевски.

Карактеристично е, додаде, што консултантите не прават големи трошоци за нашите компании, практично тие не плаќаат речиси ништо за нив освен нивното сместување.

- Консултантите даваат придонес за компаниите, а доказ за тоа е направената анкета од досегашните консултанти според која самите компании што ги ангажирале укажале дека 85 отсто од нив се задоволни од доаѓањето и работата на консултантите, а 90 отсто повторно би сакале да добијат консултант затоа што  го зголемиле нивното производство или го подобриле квалитетот на нивните производи и  отвориле нови работни места со искуствата што им биле пренесени, потенцира Груевски.