Македонија
6. January 2017 - 13:23

Груевски упати честитка по повод празникот Божик

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски упати честитка по повод Божик до поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Со голема радост и задоволство, на овој величествен ден кога го прославуваме најголемиот и најрадосниот настан во историјата, раѓањето на Божјиот син, од мое лично име и од име на ВМРО-ДПМНЕ, Вам, на членовите на Синодот, на ценетото свештенство и монаштво, како и на сите православни верници од Македонија и дијаспората, Ви го честитам големиот Христијански празник - Божиќ, стои во честитката.

Во неа се додава дека како и секоја година, така и оваа, да се потрудиме на вистински начин да го одбележиме овој ден, да најдеме мир во нашите срца и спокој во нашите мисли за на вистински начин да ја примиме и пренесеме радосната вест за раѓањето на синот Божји. - Со радост, се вели во честитката, да го празнуваме денот кој е симбол на големо човекољубие на нашиот Бог и во спокој да го следиме по патот кој тој го има зацртано за нас. Да имаме бериќет, мир и напредок во државата, соживотот е тој кој е нашата најзначајна предност која ги одржала нашите луѓе низ времињата, тоа е вредност која треба да ја почитуваме и негуваме и денес.

- Нека Бог биде со сите христијани во светот, нека ги охрабри во своите намери, нека ги поведе преку сите препреки, нека ги згрижи во сите невољи. Нека Бог биде со нас во секој момент од нашиот живот, при секоја љубов, радост, болка или тага. Нека Бог биде со Македонија, нека има љубов, успех и бериќет во секое семејство и во секое поле од значење за граѓаните. Заеднички да градиме, да напредуваме, да се радуваме и да прославуваме за многу години, наведува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во честитката по повод Божик.